Наспроти судбината

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on whatsapp

           „Кога животот ќе фрла лимони по вас, фрлете му ги лимоните назад“ е мисла која американскиот писател и предавач Дејл Карнеги ја напишал во својата бестселер книга „Престани да се грижиш, почни да живееш“ во 1948 година. Еден фасцинантен пример на оваа филозофија е животната приказна на германскиот сликар Хелмут Херман Кромер (1891 – 1973).

           Хелмут Кромер е етнички германец роден во Опава (германско име Troppau) тогашна Австро-Унгарија а денешна Чешка Република. Под влијание на татко му, кој бил познат адвокат, Кромер студира правни науки, но пасијата му е во сликањето.  Во 1911 година, се одлучува да го следи своето срце, се откажува од правните науки и започнува да студира историја на уметност во Виена а потоа во 1913 година се префрла на ликовни студии на престижната виенска Ликовна академија.

           И тогаш животот започнува да ја тестира неговата цврстина. Почнува Првата светска војна, и Кромер е пратен како војник  на западниот фронт каде што во септември 1914 година е тешко ранет во раката. По долго лекување, во 1915 година, Кромер заздравува и е повторно регрутиран и пратен на фронтот во Македонија и Албанија, каде што претстојува сѐ до 1917 година каде што се разболува од маларија и е повторно пратен на лекување во Германија. Ја преживува и маларијата за да во следната 1918 година се разболи од Шпански грип. Кога неговите пријатели почнале да го оплакуваат, Кромер чудесно оздравува и од грипот.

           После оваа животна бура, настапува еден помирен период во неговиот живот, и Кромер се враќа на неговите студии по сликарство, овој пат на Државната ликовна школа Баден во Карлсрухе а потоа живее во Берлин како слободен уметник. Повторно патува низ Југославија (и Македонија) и Грција во 1924 година. Посебно е импресиониран од Југославија, каде што византискиот и ориенталниот стил му оставаат голема трага во неговото творештво. Се чини дека животот му влегува во помирни води, но не за долго.

Плакат за ликовната изложба на Хелмут Кромер од југословенски мотиви, Амбасада на Југославија во Берлин 1933 година.
Плакат за ликовната изложба на Хелмут Кромер од југословенски мотиви, Амбасада на Југославија во Берлин 1933 година.

           Во јануари 1933 година, германската национал-социјалистичката партија на Адолф Хитлер ја превзема власта и веднаш започнува со пресметка и елиминација на политичките противници. Хитлеровите црнокошулаши маршираат по улиците на Берлин и ги демолираат куќите, становите и дуќаните на неистомислениците и на евреите. Хелмут Кромер е член на опозициските социјал-демократи и е илустратор на нивниот весник Vorwärts.

           Во април 1933 година, Кромер се оддалечува од политиката и се фокусира на отварањето на неговата изложба на слики од Југославија, под покровителство на Амбасадата на Југославија во Берлин. Изложбата се отвора на крајот на април 1933 година и добива позитивни критика од Берлинската ликовна јавност. Овај публицитет ги иритира нацистите. Во ноќта на 30 Април 1933 влегуваат во неговиот стан и му се закануват со ликвидација и на него и на неговата сопруга која е од еврејско потекло. Утрината, на 1ви Мај 1933 година, Хелмут Кромер, неговата сопруга и неговите две ќерки со неколку куфери во рацете набрзина заминуваат за Прага и никогаш повеќе не се враќаат во Германија.

           Изложбата завршува, но нема кој да ги подигне сликите. Југословенската амбасада задржува пет слики, а на останатите им се губи трагата. Во овие загубени слики се најверојатно и неговите македонски слики направени во текот на Првата светска војна и од неговиот втор престој во 1924 година.

           Кромер со фамилијата живее во Прага, сѐ до следното животно искушение. На 15ти Март 1939, Хитлер ја анексира Чехословачка. На самиот ден кога хитлеровите трупи маршираат во Прага, Кромер повторно пребегува, овојпат во Југославија, а потоа југословенските власти му организираат емиграција во Велика Британија.

Хелмут Кромер и неговата сопруга ја напуштаат Прага на денот на анексацијата (15 Март 1939) и заминуваат во Југославија, па Велика Британија
Хелмут Кромер и неговата сопруга ја напуштаат Прага на денот на анексацијата (15 Март 1939) и заминуваат во Југославија, па Велика Британија

           Хелмут Кромер ја поминува војната во Гилдфорт во близината на Лондон. Не е лесно да си Германец во Британија, земја која е директно нападната од Германија. Неговиот смисол за хумор му го одржува моралот. За да звучи помалку како Германец, Кромер се нарекува себеси и ги потпишува своите дела со „Lord Cromer-Peniless of Guildford“ (Лорд Кромер-Сиромавиот од Гилдфорд).

           Војната завршува, Германија е резурната и поразена. И покрај што е роден во Чехословачка, како етнички Германец Кромер е таму непожелен.  

           Кромер ја одбира својата следна дестинација – Бостон , САД, каде што веќе живее неговата ќерка Ана. Таму живее скромно сѐ до неговата смрт во 1973 година. Сеуште се бави со сликарсто , графика и илустрации а е и дописник на неколку локални весници. Организира изложба и во Бостон, каде што се изложени некои негови југословенски дела, но е нејасно дали во таа американска колекција на сликарот преживеале и некои дела од Македонија.

Плакат од излажбата на Хелмут Кромер во Бостон, САД. Македонските слики не се спомнати на плакатот и нејасно е дали се пренесени во Америка
Плакат од излажбата на Хелмут Кромер во Бостон, САД. Македонските слики не се спомнати на плакатот и нејасно е дали се пренесени во Америка

           Повеќе од 15 години безуспешно се обидувам да најдам некое од неговите македонски дела. Па макар и фотографија, некаде на интернет од некој негов македонски цртеж или слика. Скоро е невозможно да се влезе во трагата на загубените дела од неговата априлска изложба во Берлин од 1933 година.

          Секојпат кога надежта ќе ме напушти, се појавува нова искра.  Неодамна бев контактиран од новинарот Зоран Андонов, кој на порталот „Сакам Да Кажам“ објавува мошне интересна приказна за еден македонски ексцентрик по име Столе Жилечки, кого Хелмут Кромер го сретнал во Македонија и напишал репортажа за американските весници. Овај нов детаљ од престојот на Кромер во Македонија повторно ми ја разгоре мојата љубопитност и повторно и активирав интернет пребарувачите да бараат информацијата за Кромер. Убеден сум дека среќата ќе ме послужи и дека кога-тогаш ќе пронајдам негово македонски дело. Како што рекол Џон Ленон од Битлси: „На крајот сѐ ќе биде во ред, а ако не е сѐ во ред, тогаш не е ни крај“.

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on whatsapp