Изгубени во огнената бура на Дрезден

На почетокот на 20ти век германскиот град Дрезден бил наречен „Фиренца на Елба“ и  бил еден од најубавите градови во Европа. Прекрасната барокна архитектура во комбинација со околната природна убавина на јужната долина на реката Елба и околните ридови, блага и пријатна клима и модерна инфраструктура (железничка врска со Берлин Лајпциг, челичен мост  (1891–93), кабелска железница (1898– 1901 година) и жичница (1894–95)), како и светски познатата Дрезденска Академија на ликовни уметности го направиле Дрезден индустриски и уметнички центар на Северо-источна Европа.

 

За време на Втората светска војна, придонесот на Дрезден во воените напори бил минимален во споредба со другите германски градови. Во февруари 1945 година, бегалците што бегале од руската војска во офанзива на исток, се засолниле во Дрезден. Бидејќи Хитлер префрлил голем дел од неговите преживеани сили во одбрана на Берлин на северот, градските одбрани на Дрезден била минимални, а Русите би имале малку проблеми со неговото освојување. Се чинело дека е малку веројатно за голем напад на сојузничките воздушни сили.

 

Од 4 февруари до 11 февруари, „Големата тројка“ на лидери на сојузниците: американскиот претседател Франклин Рузвелт (1882-1945), британскиот премиер Винстон Черчил (1874-1965) и советскиот премиер  Јозеф Сталин (1878-1953) се состануваат  на Јалта во СССР и ги усогласуваат своите визии за повоениот свет. Главна тема на разговот е поделбата на германската територија помеѓу сојузниците. Малку време било посветено за стратегии за сеуште незавршената војна против Третиот рајх. Сепак, Черчил и Рузвелт му ветуваат на Сталин кампања за бомбардирање на источна Германија како подготовка за напредување на советските сили.

 

Рузвелт и Черчил брзале да го одржат ветувањето. Исходот е една од најголемите хорор епизоди од Втората светска војна – бомбардирањето на Дрезден помеѓу 13 и 15 февруари 1945 година.

 

Во ноќта на 13-ти февруари, околу 800 британски бомбардери истураат повеќе од 1.400 тони високо-експлозивни бомби и повеќе од 1.100 тони пожарни бомби врз Дрезден, создавајќи голема огнена бура која го уништува поголемот дел од градот и убива бројни цивили. Подоцна истиот ден, додека преживеаните излегувале од градот што тлеел, повеќе од 300 американски бомбардери започнуваат со бомбандирање на железниците, мостовите и транспортните капацитети на Дрезден, убивајќи илјадници други луѓе. На 15 февруари, уште 200 американски бомбардери го продолжија нивниот напад врз градската инфраструктура. Севкупно, бомбардерите од американската Осма воздухопловна флота фрлиле над 950 тони високо-експлозивни бомби и повеќе од 290 тони пожарни бомби врз Дрезден.

Дрезден по бомбардирањето од февруари 1945 година
Дрезден по бомбардирањето од февруари 1945 година

Официјалниот број на загинати според извештајот од 2010 година од собранието на град Дрезден е меѓу 22700 и 25000 мртви во овие два дена. Неофицијалните бројки одат над 135 000, бидејќи бегалците не се сметале за граѓани на Дрезден.

 

Една од жртвите на овaa пеколна бура е атељето на добро познатиот дрезденски импресионист Ернст Ричард Дитце (1880-1961), школуван на Дрезденската ликовна академија, Париз, Минхен и Берлин, а подоцна и учител во академијата Малсал. За време на Првата светска војна, Е.Р. Дитце бил германски воен сликар и патувал со германските трупи низ Македонија во периодот 1916-1918 година.

 

Во овaa огнена бура биле уништени скоро сите негови слики и цртежи. Преостанатите неколку слики денес се во колекцијата на Музејот на уметност Дрезден. За среќа, успеав да пронајдам неколку маслени слики (Аквадукт во Ушкуб 1916; Камп на бандити 1917 и Марш на германските трупи во близина на Дојран), два акварели (турски пазар и Харем(Бордел) во Скопје) и две гравури (мост Скопје и Радика)  кои се во мојата приватна колекција. Но, се прашувам колку други дела од Македонија се изгубени во тој пожар

Аквадукт во Скопје, 1916
Аквадукт во Скопје, 1916
Камп на бандити 1916
Камп на бандити 1916
Скопје
Скопје
Радика
Радика
Турска чаршија
Турска чаршија
Харем (бордел) во Скопје
Харем (бордел) во Скопје

Ужасот на Дрезден продолжува сѐ до април 1945 година. Нови воздушни напади и нови бомбардирања. Американската Осмата воздухопловна флота фрла уште 2.800 тони бомби врз Дрезден во три последователни напади. На 5-ти април рускиот Маршал Жуков ја започнува последната офанзива за освојување на Дрезден. И покрај малиот отпор,  на улиците на Дрезден се создал голем хаос.

 

На 17 април 1945 година, во последните минути од офанзивата врз Дрезден, заталкан куршум смртно го погодува  сликарот Георг Хунел (1879 – 1945) – познат импресионист од таканаречената Дрезденската школа. Хунел би студент на академијата за ликовна уметност во Дрезден и бил познат по идиличните слики на животни и планински пејсажи , како и по неговите портрети. Во Првата светска војна, бил воен сликар на германската армија во Македонија, каде креира  цртежи што биле објавувани во германските списанија во периодот 1916-17. Многу малку од неговите македонски слики го преживеале уништувањето во Дрезден. Неколки од неговите македонски дела денес се наоѓаат во колекцијата на градската галерија Дрезден (Македонски работник за тутун), неколку цртежи се  во колекцијата на нејзината внука г-ѓа Кристина Хунел која живее во Јужна Африка (скици и цртежи од Прилеп) и една во мојата колекција ( Прилеп, жени на вода, 1917). Неговите акварели и цртежи се одликуваат со неверојатна прецизност во детаљите и врвно доловување на светлината.

Исто како и во случајот со студиото на Ернст Ричард Дитзе, прашање е колку македонски слики од Георг Хунел се загубени во тој дрезденски хаос?

Georg Hänel, Прилеп, Жени на чешма
Georg Hänel, Прилеп, Жени на чешма
Georg Hänel, Манастир Свети Архангел Михаил, Прилеп
Georg Hänel, Манастир Свети Архангел Михаил, Прилеп
Georg Hänel, Прилеп , планини
Georg Hänel, Прилеп , планини