Добар објект за Вашата македонска колекција

Еве еден совет за секој што сака да започне своја колекција на уметност и фотографии поврзани со Македонија од периодот 1850-1950 година: германска книга објавена во 1915 година со наслов „Bilder vom Mazedonischen Kriegsschauplatze“ (Слики од македонско бојно поле). Книгата е креирана по наредба на германската воена генерална команда и објавена од графичкото друштво  во Минхен. Колекцијата на фотографии е направена од разни воени лица и е собрана и уредена од поручник Лудвиг фон Букерл, а насловната ја илустрирал поручникот Ханс Шмит-Анаберг.

Книгата е вистински времеплов што ве враќа во 1915 година на пазарите и улиците на Скопје (Ушкуб), Велес, Прилеп, Штип, Стоби, Плетвар, Бабуна, Тетово (Калканделен), Битола (Монастир), Охрид, Дојран и сè до Ксанти Грција. Лично ме фасцинантно колку ориентално изгледала Македонија тогаш. Во исто време, интересно е и тоа колку некои работи сè уште изгледаат исти, на пример црквата „Свети Спас“ во Скопје, патот кон Мариово од Плетвар, градската црква од Прилеп и др. Жално е и да се види како многу архитектонски бисери исчезнале во меѓувреме, на пример старите улици во Велес кои биле  поубави од охридските улици. Па дури и жално да се види како луѓето направиле селска чешма со антички римски плочи од Стоби.

Прекрасно е и да се види колку биле блиски луѓето од различни религии и етникуми и колку заедно и си помагале едни на други. На фотографиите гледаме како православниот поп си седи и муабети со Турчин, Албанец Арнаут кој го чува манастирот Трескавец,  сцени од  пазар со луѓе од сите етнички групи, тргуваат  и се дружат.

Книгата е релативно лесна за наоѓање и е релативно евтина. Еве една врска каде што книгата може да се најде:

https://www.abebooks.com/book-search/title/bilder-vom-mazedonischen-kriegsschauplatz/