Константин Миладинов?
Мистеријата на старата фотографија од Охрид

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on whatsapp

Во процесот на барање на „македонска уметност“, во јуни 2015та година стапив во контакт со дилер на стари фотографии од Романија, госпоѓата Маргарит Сорин од Букурешт. Од нејзината голема колекција на фотографии од почетокот на 19тиот век, изваде една многу ретка – фотографија од средината на 19тиот век на еден млад господин со модерни мустаќи и брада и печат од задната страна на влашки јазик: “Gl. Vassilofschi Photograf Macedonenu Dui Ochritu”.

Ја купив фотографијата во истиот момент. А кој не би ја купил? Колку често на пазарот на антики се појавува оригинална фотографија од околината на 1850та година направена од можеби еден од првите фотографи во Македонија – господин Гл. (Глигор?) Василовски?

Секое лето го поминувам со фамилијата во Охрид. „ Каков перфектен тајминг“ си реков. Додека сум на одмор, ќе одам во музејот во Охрид и ќе добијам некаква индикација кој е овој господин на сликата или пак кој е фотографот Гл. Василовски. За жал Музејот во Охрид и Музејот на Македонија во Скопје не можеа да се согласат околу тоа кој е надлежен да направи таква експертиза на фотографијата. Се вратив во Холандија без напредок во истрагата.

Од време на време, добивам нова искра на љубопитност да најдам повеќе информации за човекот на сликата или за сликарот. Господинот на сликата е очигледно богат – облеката и фризурата му се скапи, му виси златен ланец (најверојатно од џебен часовник) на реверот од палтото. Изгледа софистицирано и образовано. Можеби некој од фамилијата Робевци? Григор Прличев?

Еве една смела идеја – А можеби е ова слика на Константин Миладинов (Струга 19830- Цариград 1862)? Дали е можно ова да е единствената вистинска фотографија од него? Во музеите во Македонија и Бугарија има повеќе цртежи од него.  Ајде да споредиме еден цртеж од Миладинов со мојата фотографија:

На прв поглед, сличноста е голема – стилот на мустаќите и брадата, облеката, позата на телото, обликот на лицето…Но исто така, постои и разлика: фризурата, бојата на очите…Сепак, се работи за споредба на вистинска фотографија со цртеж од Миладинов, би сакал да знам колку во цртежот има уметничка слобода а колку реалност.

Оваа приказна е во исто време и повик за помош. Доколку имате дополнителни информации за човекот на фотографијата или пак за фотографот, би Ви бил благодарен ако ги поделите, можеме најпосле ќе ја решиме оваа мистерија заедно.

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on whatsapp