Вундервалд

          Берлин 24 јуни 1945 година. Поминаа 53 дена од крајот на Битката за Берлин. Руската црвена армија ја порази одбраната на Хитлер. Но цената беше огромна. Русите изгубија 81 илјада војници и 2000 тенкови, а над 280 илјади руски војник беа ранети. На германска страна загубата беше погубна: над 450 илјади убиени германски војници и уште толку заробени. Градот Берлин е здробен: уништени се 600 илјади станови, а повеќе од 1,5 милиони Берлинчани го напуштиле градот.

Wunderwald2           Периодот по падот на Берлин тешко може да се нарече „мир“. По капитулацијата, Советите одат од куќа до куќа и апсат секого со униформа, вклучувајќи пожарникари и железничари. Во многу области на градот, одметнати советски трупи вршат масовни силувања, грабежи и убиства. Во градот нема храна со месеци. Црвената армија вложува големи напори да ги нахрани жителите на градот со воспоставање на кујни за супи. Речиси целиот превоз во и кон градот е неоперативен, а бомбардираните канализации го контаминираат снабдувањето со вода. Берлинчаните мијат облека и пијат вода од уличните потоци на валкана вода што излегуваат од уништените хидранти. Повеќе од 120 000 Берлинчани загинуваат за време и по операцијата „Берлинска битка“, некои од куршуми, некои од глад, некои од затруена вода. Токму на овој ден, една од жртвите на труење со вода е сликарот Густав Вундервалд (1 јануари 1882 год – 24 јуни 1945 год).

—-

          Малкумина го паметат како сликар. Во 1934 година, нацистичката партија ја прогласува неговата уметност како „дегенерирана“. Неговите слики се отстранети од музеите, галериите и јавните места. На Вундервалд му е забрането да слика или создава каква било форма на уметност. Заработува за скромен живот со рачно фарбање на рекламни филмови во боја за германски филмски компании: Уфа и Марс филм. Се грижи за својата сопруга Амали Мина Герул која е шнајдерка. Го поминале животот заедно од нивниот брак во 1908 година, сѐ до 1941 година кога Амали починува. Во 1945 година, сликарот „Вундервалд“ е заборавен од јавноста.

          А не беше секогаш така. Не толку одамна, уметничките списанија го нарекуваа „берлинскиот Утрило“. Неговиот иновативен сликарски стил е дел од новото уметничко движење наречено „Нова објективност“ (Neue Sachlichkeit) кое остава белег не само на германската и светската уметност, туку и во јавниот живот на пред-нацистичка Германија, нејзината архитектура, музика и филм.

—-

          Берлин 1926 година. Градот кој постојано иновира со уметноста е подготвен за следната иновација. Публиката е уморна од децениската доминацијата на експресионизмот каде што сликарите изразувале субјективен поглед кон светот. Публиката сега го бара спротивното: да го упрости уметничкиот израз на соголени минимални објективни елементи.

          Критиките на експресионизмот доаѓаа од разни страни. Левите сили го критикуваат експресионизмот преку појавата на Дадаизмот. Сликарите на Дада стилот ја користеле својата уметност како форма на морален и културен протест, честопати насочени кон изразување политички бес или поттик за политичко дејствување. Конзервативните критичари од десно исто стануваат погласни со својата критика кон експресионизмот. Во цела Европа, враќањето на структурата и редот во уметноста резултира во неокласични дела на модернистите како што се Пикасо и Стравински, и одвраќање од апстракција од многу уметници, на пример Матис и Мецингер.

          Сликарскиот стил на Вундервалд е типичен за новото уметничко движење наречено „Нова објективност“. Вундервалд бил сценограф во театрите и оперите во Шарлотенбург, Стокхолм, Дизелдорф, Инсбрук, Фрајбург и Берлин. Неговиот стил развиен низ годините на работа во театрите бил структуриран и чист. Во Берлин Вундервалд секојдневно шета низ градот, ја набљудува брзата индустријализација и слика мостови, фабрики, индустриски области и работнички гета на минималистички и груб начин. Во 1926 година, неговата уметност го привлекува вниманието на највлијателните уметнички критичари и галерии. Берлинската уметничка галерија на Карл Ниерндорф (Karl Nierendorf) вклучува 7 негови слики на изложбата насловена Лицето на Берлин (Das Gesicht von Berlin), додека водечките ликовни критичари Пол Вестхајм (Paul Westheim) објавува насловна статија за Вундервалд во своето уметничко списание Уметнички Печат (Das Kunstblatt). Неговите слики го овековечуваат неповратниот процес на индустријализација на Берлин, каде луѓето се минимизирани до единечни фигури во урбаниот пејзаж. Славата на Вундервалд  продолжува да расте и во наредните години. Неговите урбаните пејзажи го привлекуваат вниманието на угледни јавни личности, на пример Густав Бас (Gustav Böß), тогашен градоначалник на Берлин и сценаристот Ханс Кисер (Hans Kyser), писател на сценариото за филмската адаптација на Фауст од 1926 година на Ф. В. Мурнау (F. W. Murnau).

Gustav Wunderwald (1882-1945) Градски сцени од Берлин 1920-1929

          Она што го прави Вундервалд различен од останатите е неговата палета на бои. Кафеавите и сивите тонови се комбинираат со Винсент ван Гог-овската палета на силни жолти и црвени бои. Ваквата комбинација создава атмосфера на магичен реализам во навидум досадната и неромантични индустриски сценографија.

          Она што малку се знае е дека Вундервалд ја развил својата уникатна палета во земјата за која што повеќето Германци никогаш не слушнале: балканската провинција Македонија, каде што служел во германската армија стационирана во Велес и Скопје меѓу 1915 и 1918 година.

—-

          Ајндховен, мај 2011 година. Победив на аукција на германскиот Ebay  во наддавањето за едно големо непотпишано масло на платно, но насловено со молив од задната страна: „ Veles im Mazedonien “. Сликата има интригирачка убавина.

Без потпис. “Veles im Mazedonien” масло на платно.
Без потпис. “Veles im Mazedonien” масло на платно.

          „Veles im Mazedonien?“, Тоа е германски јазик, така што сликарот е сигурно Германeц, но кој?“ си мислев. „Можеби УВ-то ќе покаже нешто“.

          УВ (ултравиолетово) светло е стандарден начин за инспекција на маслените слики. Потписот на уметникот може да исчезне ако сликата е исчистена и реставртирана во минатото. Кога платното е осветлено со УВ светлина во темна просторија, може да се видат сите интервенции на реставраторот и можеби да се забележат избледените траги од потписот.

          Но, немаше никакви траги на потпишување. Сликата дефинитивно никогаш не била потпишана од напред. Сликата ја споредив со примери од германските експресионисти кои биле во Македонија, и кои тогаш во 2011 година ги имав регистрирано во лексиконот: Ернст Ричард Дитце (1880-1961), Хајнрих Рихтер-Берлин (1884-1981), Франц Хекендорф (1888-1962), Хелмут Маке (1891-1936), Руди Лесер (1910-1988) … Ниту еден од стиловите, техниките или големината на делата не одговараше. Оваа нова слика е поразлична од сè што сум видел порано. Пленеше едноставната и минималистичка геометрија каде што куќите избледуваат кон грубите планини. Боите се посебна приказна! Извонреден контраст помеѓу светлите жолто-бели тонови  наспроти темно кафеаво-виолетови елементи.

          Можеби е Wellershaus“. Пол Велерсхаус (1878-1976) бил германски импресионист со стил кој бил под влијание на Пол Сезан. Но, за време на неговата воена служба во Македонија помеѓу 1914-1918 година, го сменил стилот кон експресионизам и се фокусирал кон социјални теми. Проблемот е во тоа што нацистите ја прогласиле неговата уметност како „дегенерирана“ и ги уништиле повеќето од неговите слики. До денес не сум видел ниту една слика од неговиот македонски период, иако постојат записи дека тој создал најмалку 13 слики во Македонија.

          Напишав мала белешка „Можеби Велерсхаус“ на задниот дел од платното и ја оставив сликата спакувана во ќош од мојата колекција. Од време на време ќе ја земев да ја погледам, се восхитував на композицијата и боите и повторно ја ставав назад.

—-

          Ајндховен јуни 2017 година. Интернет пребарувачот ме известува дека „македонска“ слика е понудена на продажба од аукциската куќа Ketterer Kunst од Минхен, на нивната аукција со број 447, „Модерна уметност II“ на 8 јуни 2017 година.

          Објект број 75. Густав Вундервалд, „Gebirgsdorf in Mazedonien“ (Планинско село во Македонија),  1918 година., Масло на платно, 60 x 75 см.

          Се стаписав од тоа што го видов. Големината на платното е идентична со мојата слика. Стилот, техниката, боите – сѐ е  идентично. Понудената слика е потпишана.  Дополнително, аукциската куќа дава информација и за потеклото на сликата: потекнува од имотот на втората сопруга на Вундервалд, Берта Лудвиг, со која се оженил во 1941 година. Сликата е исто проверена и од д-р Хилдегард Рајнхард од Бон, која е водечки експерт за работата на Густав Вундервалд. Што значи дека оваа понудена слика е од Вундервалд  без сомнение. И бидејќи сите елементи на оваа слика се совпаѓаа со мојата слика, нема сомнение дека и мојата слика е исто од Вундервалд.

Споредба помеѓу сликата од Вундервалд од аукциската куќа Ketterer Kunst во мај 2017
година ( лево/горе) и сликата од мојата колекција од мај 2011 година (десно/долу)

          Го запишав Вундервалд во лексиконот и почнав да го истражувам.

          Пристигнал во Македонија по неговата воена обука во Конигсберг. Бил упатен во Ушкуб (Скопје), а подоцна во Велес како дел од баталјонот за замена за 43-та пешадија на германската армија. Имал среќа  што македонскиот фронт бил стабилен, каде што имало релативно малку крвопролевање  што ги карактеризирало Западниот и Источниот фронт. Имал време, и сликал слики од македонскиот пејсажи и градови што ги видол. Под силното македонско сонце, неговата жолта палета започнува да доминира, приближувајќи се кон стилот и делата  на Винсент ван Гог во француската Прованса.

Споредба на боја и композиција:
Лево/Горе: Винсент ван Гог (1853-1890), “Жолтата куќа” Арл (Arles), Франција 1888;
Десно/ Долу: Густав Вундервалд (1882-1945) „улица во Скопје, Македонија“ (“Straße in Üskyp (Mazedonien)”) c.1917
Споредба на боја и поинтилистичка техника:
Лево/Горе: Винсент ван Гог (1853-1890), “Сејачот” Арл (Arles), Франција 1888;
Десно/ Долу: Густав Вундервалд (1882-1945) „ Македонски пејсаж“ (“Mazedonische Landschaft”) 1918
Споредба на симетрија и композиција:
Лево/Горе: Винсент ван Гог (1853-1890), “Пат во ноќта со месечина” Арл (Arles), Франција 1890;
Десно/ Долу: Густав Вундервалд (1882-1945) „ Џамија во Македонија“, Велес, Македонија 1918

          Македонија влијаела на Вундервалд на ист начин како што Прованса влијаела на Винсент ван Гог. Доаѓајќи од северна земја со сивото небо, ладна клима и рамен хоризонт, Вундервалд бил обземен од топлото сонце, светлите бои, ридестиот пејзаж и грубите лица на луѓето. Исто како Винсент, палетата на бои на Вундервалд му станува многу посветла и потопла,  композицијата поекспресивна и поинтимна (и покрај тоа што подоцна неговите дела го спорат токму експресионизмот). По враќањето во Германија, Вундервалд се враќа повторно стилски на реализмот, но палетата на бои ја носи со себе во текот на целата негова кариера.

—-

          Потребни беа 6 години за да се реши мистеријата на сликата „Велес во Македонија“. Во текот на овој процес, дознав за недостатоците на експресионизмот, доблестите на Новата објективност и открив неверојатен уметник. Всушност, оваа приказна сè уште не е завршена. Јас сè уште се обидувам да ја контактирам д-р Хилдегард Рајнхард од Бон за да ѝ ја покажувам мојата слика и можеби да добијам повеќе увид во „македонскиот“ период на Вундервалд. И само што ќе помислам дека приказната е завршена, се отвора ново поглавје, затоа што во меѓувреме во мојата колекција дојде уште еден неидентификуван цртеж на тутуноберач од Велес, и дали и ова би можело да биде од Вундервалд, или … или сепак  е можеби некоја друга приказна.

Лево/ Горе: Gustav Wunderwald (1882-1945) “Авто портрет” масло на платно
Десно/ Долу: Неидентификуван сликар (Wunderwald?) тутуноберач од Велес, акварел и молив

Извор на информации и фотографии: