Дегенерираните

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on whatsapp

Академијата за ликовни уметности Виена (Akademie der bildenden Künste Wien) е основана во 1692 година како австриски одговор на Рим (Accademia di San Luca) и Париз (Académie de peinture et de sculpture) во трката за културно влијание во Европа. Силната австро-унгарска империја сфатила дека европска сила не се станува само со воена моќ, туку и со доминација во уметноста и науката. Во 1872 година, Кајзерот Франц Јозеф Први од Австрија, многу инвестира во Академијата и ја прави врховен владин орган за уметноста со големо влијание на Балканот. Многу истакнати српски сликари, како Паја Јовановиќ и Урош Предиќ студирале на Академијата и донеле австриско влијание во српската уметност од крајот на XIX век.

Во првите години на 20 век, визуелната уметност минува низ трансформација кон апстрактни и модерни форми. Се појавуваат нови ликовни стилови кои го привлекуваат  вниманието на јавноста: Фаувизам (Матис, Дераин, Брак), Кубизам (Пикасо, Легер), Дада … Академијата се ориентира кон овие модерни уметнички насоки и школува некои од најталентираните модерни сликари: Егон Шиле и Ото Вагнер, меѓу другите.

—–

1907 година. Многу млади идни студенти се обидуваат да го положат приемниот испит на Академијата. Бројот на студентски позиции е ограничен, а критериумите се високи. Секој апликант треба прво да ги помине тестовите за цртање дадени од испитувачите на Академијата. Потоа, апликантите им ги презентираат на испитната комисија свои оригинални дела  во кои треба да има некаква уметнички иновација.

17-годишното младо момче од Линц успева да ги помине тестовите за цртање. Момчето е мошне прецизно во цртањето на архитектонски објекти. Но, кога испитувачите на Академијата го разгледале неговото портфолио, заклучиле дека неговите дела се премногу под влијание на нео-класицистите од 19 век и застарени за овие модерни времиња. Младиот човек е одбиен за влез во академијата, но не и обесхрабрен. Се обидува повторно следната година. Во 1908 година, момчето е повторно одбиено. Испитувачите се сожалуваат кон него. Му предлагаат на момчето да ја проба среќата во Архитектонскиот факултет на Академијата.

Младиот човек е скршен. Неговата сликарска кариера е завршена пред да започне. Тој го мрази модернизмот и апстракцијата. „Ми ги уништија соништата“, си помислува.

Името на младото момче е – Адолф Хитлер.

Еден од првите акварели на Адолф Хитлер
Еден од првите акварели на Адолф Хитлер

Младиот Адолф талка по улиците на Виена и се обидува да преживее. Спие во засолништата за бездомници, молерисува куќи, но не се откажува од љубовта кон сликање. Слика разгледници и картички кои што се обидува да им ги продаде на виенските туристи.

Во 1911 година, Адолф влегува во продавница за рамки за слики, каде го среќава неговиот иден деловен партнер – г-дин Самуел Моргенстерн – истакнат еврејски бизнисмен. Г-дин Моргенстерн продавал рамки и сфатил дека рамките полесно можат да се продадат ако има слика во нив. Г-дин Моргенстерн започнал да ги купува акварелите на Адолф  за ситни пари за да ги пополни неговите рамки. Речиси сите слики на младиот Адолф поминуваат низ рацете на г-дин Моргенстерн. Повеќето клиенти на г-дин Моргенстерн се Евреи. Сликитe на младиот Адолф ги украсуваат еврејските куќи во Виена.

Млади Адолф е повторно гневен. „Мојата уметност е потценета. Еврејскиот бизнисмен ја злоупотребува мојата уметност“, смета тој. Адолф е лут на системот што не ја вреднува „вистинската уметност“. „Ми го направија животот мизерен, еврејските бизнисмени, модернистите … сите тие се болест на империјата“, заклучува тој.

Големата војна започнува во 1914 година и младиот Адолф волонтира во германската војска.

30 години подоцна, во 1943 година, господинот Самуел Моргенстерн умира во концентрациониот логор  на еврејското гето во Лоѓ, Полска.

—–

31 јануари 1933 година. Германската национална социјалистичка работничка партија (НСДАП) победува на изборите. Адолф е многу подобар во политиката отколку во уметноста.

„Времето за одмазда конечно пристигна. Ќе ја спасам нацијата од болеста на модернизмот“, смета тој. Партиските улични војници започнуваат со улично палење на модернистички книги. Забранет е џезот и било која друга форма на музика од црнечко, еврејско или болшевичко потекло. Партијата формира ново тело: Комора за култура на Рајхот (Reichskulturkammer), водено од Јозеф Гебелс, со примарна цел да ги контролира и цензурира индивидуалните уметности: музиката, филмот, литературата, архитектурата и визуелните уметности.

Преку ноќ, модернистичките слики се отстрануваат од музеите и галериите – Пикасо, Матис, ван Гог, Шагал, Кандински, Нолде (и покрај тоа што бил посветен нацист), Пол Кле … и се заменува со уметност претпочитана од страна на партијата – социо-реална или неокласична уметност која го слави херојството и романтиката со едноставна и разбирлива естетика.

Но, јавноста сè уште го сака модернизмот. Дури и самиот Гебелс покажува знаци на почит  кон експресионизмот. Луѓето сè уште ги читаат книгите на Франц Кафка и Херман Хесе. Луѓето сѐ уште ја слушаат џез музиката на „циганскиот“ гитарист Џанго Рајнхард.

Фрустрацијата на Адолф повторно расте. Тој одлучува да покаже колку е „ужасен и дегенериран модернизмот“ преку поставување на две паралелни изложби една до друга: едната изложба која би ја прикажала „вистинската“ уметност, одобрена од партијата, а другата би ја покажала  „дегенерирана уметност“ што му штети на општеството.

Овој настанот се случува во Минхен од 19 јули до 30 ноември 1937 година.

Изложбата „Дегенерирана уметност“ (Entartete Kunst) презентирала 650 современи уметнички дела одземени од германските музеи и била поставена покрај „Големата германска ликовна изложба“ (Grosse deutsche Kunstausstellung), лоцирана на неколку метри до неа. Сликите на Пикасо, Пол Кле, Франс Марк, Пит Мондријан, Василиј Кандински, Марк Шагал… биле расфрлани по земја или закачени погрешно но ѕидовите. Навредливи графити биле испишани околу уметничките дела. Вработените на галеријата морале да ги исмеваат гласно уметничките дела за време на посетата. Нацистичката партија сторила сѐ за да се предизвика чувство на гадење кај публиката од ваквата модерна уметност.

После четири месеци од отворањето,  изложбата „Дегенерирана уметност“ привлекла над два милиони посетители, скоро три и пол пати повеќе посетители од оние што ја посетиле блиската изложба на „Голема германска уметност“.

Лидерите на партијата биле бесни од исходот. „Доста беше! Нема повеќе толеранција!“ Партијата започнува голема чистка на модерната уметност. Секаква современа уметност во било која  форма – напишана, насликана, играна или отсвирена, се сметала за кривично дело. Исчезнуваат голема количина слики, кои се или ограбени или уништени. Започнува и уништувањето на животите на германските модерни уметници. Некои успеваат да избегаат (Макс Ернст во САД, Пол Кле во Швајцарија), некои од нив умираат (Ернст Лудвиг Киршнер се самоубил, Алфред Флехтхајм, починал во сиромаштија во Лондон), некои од нив се преселуваат внатрешно да го спасат својот живот (Ото Дикс, Емил Нолде).

Нацистичката партија организира масовни горење на модерни слики. Во март 1939 година, Берлинската противпожарна бригада изгорува  4000 модернистички слики, цртежи и графики. На 27 јули 1942 година во националната галерија во Париз (Galerie nationale du Jeu de Paume) нацистите горат голема количина „дегенерирана уметност“ од Пикасо, Дали, Ернст, Кле, Лежер и Миро.

—–

Овој пеколен пир ги погодува и  делата и животите на германските модернисти кои ја посетиле Македонија. Може само да се претпоставиме колку „македонски“ уметнички дела се уништени или ограбени во овие години на пандемониум.

Пол Ганголф (1879 -1936) e германски експресионистички сликар кој бил во служба во германската армија во Македонија во 1917 година. Во 1935 година започнал отворено да ја критикува партијата НСДАП за нивната политика на уметничка цензура. Бил уапсен и испратен во концентрациониот логор Колумбија Хаус, а подоцна и во концентрациониот логор Естервеген, каде бил стрелан во 1936 година. Единствено преживеано уметничко дело поврзано со Македонија е гравурата под наслов „Уешкуб“ (Скопје) . Еден примерок од оваа гравура е во мојата колекција. Уметничките дела на Ганголф денес се наоѓаат во колекциите на елитни светски музеи и галерии, како што се: Музеј за модерни уметности во Њујорк, Музеј на уметноста во Лос Анџелес, и британски музеј.

Paul Gangolf (1879-1936), Ушкуб (Скопје) 1916 гравура
Paul Gangolf (1879-1936), Ушкуб (Скопје) 1916 гравура

Вили Гајгер (1878 -1971) бил професор на Школата за декоративни уметности во Минхен во 1914 година. Кога започнала Големата војна, служел во германската армија во Македонија како извидник од балон, Неговите „македонски“ уметнички дела биле објавени во една многу ретка книга со наслов „ Geiger Willi, 10 Lithographien von Ostlichten Kriegsschhauplatz “. Постојано трагам по  оваа книга, но е невозможно да се пронајде. Кога НСДАП ја презела власта, Гајгер бил разрешен од својата работа како професор на академијата во Лајпциг и неговите дела беа отстранети од музеите и јавноста. Успеал да ја преживее војната и станал професор на Колеџот за ликовна уметност во Минхен.

Willi Geiger (1878-1972) Маало во Ушкуб 1916 литографија
Willi Geiger (1878-1972) Маало во Ушкуб 1916 литографија

Франц Хекендорф (1888 – 1862) e германски сликар кој ја имал својата прва изложба во групата „Берлинска сецесија“ во 1909 година. За време на Големата војна бил пилот на македонскиот фронт, каде што изработил неколку литографии („Пред Солун“ е во мојата колекција) Помеѓу 1943-45 година, бил осуден за помагање на своите еврејски пријатели да избегаат и бил испратен во концентрационите логори Валдшут и Маутхаузен. По завршувањето на војната, работел како професор, најпрво во Виенската академија, подоцна во Салцбург и конечно во Минхен.

Franz Heckendorf (1888-1962) Пејзаж пред Солун 1916 литографија
Franz Heckendorf (1888-1962) Пејзаж пред Солун 1916 литографија

Ото Панкок (1893-1966) го здобил своето уметничко образование на елитните уметнички академии во Дизелдорф и Париз. Основач е на германската уметничка група „Junge Rininland“ (Млада Рајна) и многу влијателен модернист. Во 1933 година, Панкок е прогласен за дегенериран уметник. Потоа, 56 негови слики биле одземени од музеите и некои од нив биле дел од изложбата „Дегенерирана уметност“ (Entartete Kunst) во 1937 година во Минхен. Успеал да ја преживее војната и станал професор на Академијата за уметност во Дизелдорф. Ото Панкок живеел во Охрид од 1954 до 1957 година. Неговата сопруга Хилде започнала да се слика во Охрид, а подоцна и самата станала сликар.

Otto Pankok (1893-1966) Пристаниште во Охрид 1955, одпечаток со дрво
Otto Pankok (1893-1966) Пристаниште во Охрид 1955, одпечаток со дрво

Хајнрих Рихтер-Берлин (1884 – 1981) бил берлински сликар и сценски уметник кој припаѓал во авангардната група „Берлински сецесионисти“. Пред Втората светска војна, работел во Париз со Пикасо, Жорж Брак и Ото Френдлих. Заедно со Макс Пехштајн, Карл Шмит-Ротулф и Георг Таперт ги формираа движењaта „Нова сецесија“ и „Ноемвриска група“. За време на нацистите, неговата уметност била отстранета од музеите и му било забрането да создава уметност. И тој и неговата уметност успеале да ја преживеат војната.

Рихтер-Берлин бил во германската пилотска единица стационирана во Македонија од 1914 до 1918 година. Воглавно бил сместен во Скопје и Велес каде што изработува повеќе од 150 цртежи и акварели на градски сцени и портрети, насликани во кубистички стил. 6 од нив се во мојата колекција.

Heinrich Richter-Berlin (1884-1981) Стар Македонец
Heinrich Richter-Berlin (1884-1981) Стар Македонец
Heinrich Richter-Berlin (1884-1981) Селани пред куќа 1916, акварел
Heinrich Richter-Berlin (1884-1981) Селани пред куќа 1916, акварел

Ото Широп (1904 – 1958) бил германски експресионист од Хамбург кој сликал градски и фабрички сцени и неговиот стил го потсетувал на оној на Карл Шмит-Ротулф. Широп ја посетил Македонија во 1931 година. Една негова слика од тој период е сликата со наслов “Blick uber den Wardar auf die Zitadelle von Skoplje, 1931”  („Поглед кон реката Вардар од замокот на Скопје 1931“). Успеал да преживее војната, но неговата повоена работа се карактеризира со неговот лично справување со воените трауми.

Пол Велерсхаус (1878 – 1976) се школувал на уметничките академии во Дизелдорф и Париз. Неговиот ран стил бил импресионистички под големо влијание на Пол Сезан. Големата војна го носи во Македонија каде служел како официјален воен сликар помеѓу 1914 – 1918 година. Се разболува од маларија во Македонија и бил ослободен од воената служба пред самиот крај на војната. Неговиот престој во Македонија го менува неговиот уметнички стил. Се свртува кон социјалните теми и експресионизмот. После големата војна, бил ко-основач на важната германска модернистичка група „Сецесионисти од Рајна“. Бил прогласен за „дегенериран уметник“ околу 1940 година и голем дел од неговата уметност била уништена, вклучувајќи ги и неговите македонски слики. Денес има само галериски запис дека во 1916 година изложил 13 слики со масла и 10 графички дела од неговиот воен период во уметничка галерија во Бармен.

Хелмут Маке (1891-1936), брат на славниот сликар Аугуст Маке е и самиот многу успешен сликар. Бил германски војник на фронтот во Дојран во 1916-17 година. Создал серија експресионистички пејзажи од Дојранското Езеро, кои подоцна беа уништени од нацистите.

Helmuth Macke (1891 – 1936) Македонски пејсаж крај Дојранското езеро 1918, акварел
Helmuth Macke (1891 – 1936) Македонски пејсаж крај Дојранското езеро 1918, акварел

Франц Маркау (1881-1968) бил сликар од Берлин кој служел како германски војник во Македонија за време на Големата војна. По војната работел со истакнати експресионисти во Берлин, на пример Käthe Kollwitz. Покрај што неговата уметност била прогласена за „дегенерирана“ го загубил и  својот син во Втората светска војна.

Franz Markau (1881 –1961) Ушкуп (Скопје) Мала џамија 1919, маслена темпера на платно
Franz Markau (1881 –1961) Ушкуп (Скопје) Мала џамија 1919, маслена темпера на платно

Бертолд Еренвент (1886 – 1945) бил ученик на Карл Копинг на Берлинската академија за ликовни уметности, добитник е на академската награда од  Рим. Ја посетил Македонија за време на Големата војна, а подоцна ја насликал сликата „Бугарски питачи во Ушкуб“ во 1927 година врз база на цртежите што ги направил во Скопје 1917 година. Бил германски Евреин и е убиен од нацистите некаде помеѓу 1940 и 1945 година.

Berthold Ehrenwerth (1886-1944), Бугарски питачи, Ушкуб 1927 масло на панел според скица
Berthold Ehrenwerth (1886-1944), Бугарски питачи, Ушкуб 1927 масло на панел според скица
Berthold Ehrenwerth (1886-1944), Бугарски питачи, Ушкуб 1927 масло на панел според скица
Berthold Ehrenwerth (1886-1944), Бугарски питачи, Ушкуб 1927 масло на панел според скица

Руди Лесер (1901 – 1988), Роден и умрен во Берлин. Бил студент на проф. Ханс Меид. Во 1933 година емигрирал во скандинавските земји (Данска и Шведска) за да избега од нацистичкиот режим. Руди Лесер ја преживеал војната и ја посетил Македонија кон крајот на 1950-тите, каде изработил барем една литографија: „Скопје 1961“, која денес е во мојата колекција

Rudi Lesser (1901 – 1988) Скопје, литографија
Rudi Lesser (1901 – 1988) Скопје, литографија

НАСТАНИТЕ ПОТОА

Во 2010 година, при започнувањето со работа на проширување на подземната метро линија од берлинскиот Александарплац низ историскиот центар на градот до портата Бранденбург, биле пронајдени голем број скулптури од изложбата за дегенерирана уметност во подрум на приватна куќа близу до градското собрание „Rote Rathaus“ .Во пронајдените дела биле меѓу другото, бронзена кубистичка статуа на женски танчер од уметникот Марг Мол, и сега се изложени во музејот „ Neues“.

—–

Во септември 2010 г. германската царинска полиција извршува рација во куќата на 77-годишниот Корнелиус Гурлит во Минхен и открива 1.406 уметнички дела во вредност од 1 милијарда евра. Во колекцијата имало дела од Реноар, Матис, Ото Дикс и многу други познати уметници. Сите дела биле назначени како „Дегенерирани“ од нацистите и ограбени во текот на воените години.

—–

За време на судскиот процес во 2013 година, г-дин Гурлит открива и постоење на втор дел од колекцијата во неговата куќа во Салзбург. Поради правни механизми, оваа колекција, која содржела наводно повеќе од 250 слики од Моне, Реноар, Гоген, Либерман, Тулуз-Лаутрек, Курбет, Сезан, Мунк и Манет и други, никогаш не била допрена од германските власти и делата сè уште се водат за исчезнати.

—–

Можеме само да се надеваме дека повеќе „дегенерирани уметности“ од Македонија ќе бидат откриени во некоја скриена визба, некаде, некогаш.

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin
Share on pinterest
Share on whatsapp