Оваа книга е плод на мојот обид за собирање на сите достапни информации за активностите на странските сликари, илустратори, графичари, скулптори и уметнички фотографи кои што ја посетиле Македонија и создале уметничко дело инспирирано од земјата, културата, традицијата, природата или историските настани во Македонија и македонските етникуми во периодот помеѓу 1850 и 1950 година.
Терминот Уметничко Дело подразбира општо познат оригинален уметнички продукт, на пример: маслена техника, акварел, цртеж или илустрација со молив, графит, мастило, туш, гваш или пастел, уметничка фотографија, графика од типот на гравура, бакрорез, дрворез, гравура врз линолеум, сува игла, литографија, скулптура, итн.
Терминот Македонија се однесува на географскиот регион Македонија, вклучувајќи ги:
Терминот македонски етникуми ги специфицира сите етнички групи кои живееле на гореспецифицираната територија на Македонија во периодот помеѓу 1850- и 1950- година, имено: етнички Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бугари, Грци, Муслимани од нетурско потекло, Евреи, итн…
Лексиконот не ги бвројува следните групи на сликари:
Стогодишниот македонски период помеѓу 1850 и 1950 година е во фокусот на мојот интерес главно поради две причини: уметничка и историска.
Од уметничка гледна точка, станува збор за период на експлозија на разновидни уметнички стилови и правци. Периодот започнува со европската романтична школа и европските ориенталисти. Подоцна, ликовната уметност еволуира кон импресионизмот, фаувизмот, експресионизмот, модернизмот и завршува со кубизмот. Особено интересно е да се погледаат сликарските интерпретации на македонските теми во секој од овие стилови.
Уметничките инспирации се исти: странските сликари биле маѓепсани од шареноликоста на боите и егзотичноста на народните носии, сцените од секојдневниот македонски живот, визуелноста на новооткриената земја и автентичната архитектура. Но, резултатите од уметничкото доловување на тие инспирации се впечатливо разновидни.
Ако се анализираат ликовните трендови во ова столетие, започнувајќи од 1850-та година, најпрво се појавуваат егзотични трудови на западноевропските ориенталисти коишто биле фокусирани кон романтично претставување на отоманската култура и мистичност. Македонија била последното европско неоткриено катче, чисто и недопрено од европската декаденција, а кое во очите на ориенталистите било полно со возбуда и авантура.
Кон залезот на XIX- век, ориенталистите биле заменети со импресионисти. Наместо романтизираната слика, тие тежнееле кон доловување на секојдневните реални моменти од животот во македонските села и градови, во обид да се овековечи духот на регионот во тие историски моменти. Нивните дела се како прозорци кон едно дамнешно време и будат чувство на директен контакт со нашето минато.
XX век започнал со големи надежи и очекувања, но набрзина се претворил во кошмар. Под влијание на тешките и турбуленти години пред, за време и после Големата војна, уметноста еволуирала кон експресија на личните емоции, фрустрации и чувства. Истиот феномен се пресликал и во делата на странските сликари во Македонија. Македонскиот пејзаж, насликан од странските експресионисти, станал всушност нивна духовна слика и се испреплетувал со нивните емоции. Македонските слики претставувале нивен внатрешен израз и порака.
Уметноста креирана после Првата светска војна доминира главно со дела кои биле под влијание на француската и германската модернистичка школа. Ова влијание во Македонија било донесено главно од странските сликари кои студирале во Париз или во Минхен, коишто биле доминантни ументички посетители во регионот помеѓу 1920 и 1940 година.
Крајот на овој стогодишен период донел во Македонија и кубизам, а политичкото уредување го донело и правецот социјалистички реализам.
Од историска гледна точка, периодот помеѓу 1850-1950 година бил всушност најдинамичниот период од македонската историја. Настаните во регионот се менувале со молскавична брзина – залезот и распадот на Отоманското царство, националните ослободителни движења, Балканските војни, Големата војна, создавањето на балканските држави, Втората светска војна и ослободувањето.
Овие историски настани ги довеле и странските сликари кај нас – уметниците нè посетиле, или самоиницијативно, како резултат на нивната љубопитност, или пак, тие биле приморани да дојдат кај нас поради нивната професионална или воена должност. Првите ориенталисти се обидувале да ги истражат последните непознати европски територии и ги уживале последните голтки на отоманската мистика. Распадот на Отоманското царство, крвавите востанија и Балканските војни го привлекле вниманието на светската јавност. Голем број на светски импресионисти и илустратори решиле да ја посетат Македонија, поради нивните политички, антрополошки или хуманитарни интереси. На почетокот од XX век импресионистите го сликале волшебниот македонски пејзаж, а исто така ја анализирале и комплексната политичка и социјална сцена. Војните донеле во Македонија и воени сликари коишто ги воздигнувале и романтизирале походите на своите војски. Но, многубројните војски донеле во Македонија и сликари, кои како обични војници борејќи се за својот живот, директно ги овековечиле ужасите на војната. Облечени во различни униформи, нивната уметничка мисија била иста – создавање на траен тестамент зад себе, во случај на нивна смрт на фронтот. После секоја војна доаѓало до обнова и градење. Во периодите после секоја светска војна, странските сликари ја посетувале Македонија главно во функција на едукатори или јавни службеници, и биле вклучени во нејзината обнова.
Селекцијата на сликарите во овој лексикон е резултат на моето лично пребарување во биографиите и списоците на уметничките дела, креирани во Македонија во периодот помеѓу 1850 и 1950 година. Главниот критериум за оваа селекција е изнаоѓање на несомнена врска со македонскиот регион и временскиот период и тоа преку:
Во текот на пишувањето на лексиконот, извршив пребарување на стотици, ако не и на илјадници каталози на реномирани аукциски куќи, првенствено преку посета на архивите, достапни преку нивните интернет страници, или пак, преку користење на професионалните уметнички интернет сервиси (како на пример: www.artprice.com, www.findartinfo.com, www.auction.fr, www.lot-tissimo.com, www.drouot.com, www.liveauctioneers.com, итн…). Понатаму, извршив пребарување на официјалните лексикони на ликовна уметност (на пример: Thieme-Becker, Benezit, Vollmer, P. Scheen, P. Piron, Ликовна Енциклопедија на Југославија, итн…) музејски и универзитетски архиви (на пример: Кралскиот воен музеј во Лондон, Музејот Лувр во Парис, Националната и универзитетска библиотека на Хрватска, Универзитетската библиотека на универзитетот Харвард, и многу други…), Википедија, специјализирани интернет страници за уметност и светска историја, изложбени каталози и инвентари на реномирани уметнички галерии, за кои коректноста на автентичноста на уметничкото дело и на описот на самото дело е неспорна и гарантирана, и на крај, со директни контакти со семејствата на одредени уметници.
Процесот на идентификација на сликарите коишто го посетиле македонскиот регион е исклучително тежок, главно поради комплексните историски, политички и етнички околности коишто се поврзани со македонскиот регион.
Тежината на овој процес произлегува првенствено од недостапноста на информации, коишто не само што се малубројни, туку се и растурени на различни страни. Македонскиот регион бил отсекогаш делен и администриран од различни страни коишто имале различни планови за регионот. Уметничкото наследство на регионот било цел на постојана цензура, адаптација, асимилација или уништување од страна на силите коишто го владееле и го контролирале својот дел на Македонија. Честопати, овие сили биле во директен меѓусебен конфликт. Не постоел, и сè уште не постои централен регистар на информации. Напротив, за да се добие комплетна слика на оваа тема, неопходно е потребно повеќекратно пребарување на различни извори на информации и поврзување на така откриените информации во една целина.
Второ, книгите и ликовните лексикони користат различни имиња и описи за македонскиот регион или македонските географски идиоми. На пример, целиот регион е нарекуван со различни имиња: Македонија, Турција во Европа, Османлиско царство, Балкан, Румелија или пак едноставно: Турција, Бугарија, Грција или Србија – однесувајќи се на државата која ја контролирала целосно или делумно македонската територија.
Понатаму, за секој географски поим – име на град, село, река, планина, езеро, долина, итн…постојат десетина различни етнички имиња. На пример: денешниот град Скопје, се среќава во архивите заведен под најмалку 10 различни етнички имиња: Скопје (македонски), Скопие (бугарски), Шкуп и Шкупи (албански), Скопље (српски) Ушкуб и Ушкуп (турски), Скопиа (грчки), Скопиуе (романски) итн. За работите да бидат уште посложени, секое од овие етнички имиња има своја различна варијација на пишување кај западноевропските јазици. Честопати пак, странците едноставно правеле грешки во запишувањето на името во насловите на своите уметнички дела. Така на пример, покрај горенаведените имиња, во литературата се сретнуваат и следниве имиња за градот Скопје: Скоплие, Сцопие, Сцопиа, Оескуб, Оескуп, Ускупи, Уескуп, Усхкуп, и многу други варијанти.
Вака комплексен и обемен опсег на критериуми за пребарување и селекција на нејдените резултати, за жал, ќе ја направи презентираната листа на сликари некомплетна. Се сомневам дека голем број на уметнички дела од Македонија, во периодот помеѓу 1850 и 1950 година, се опишани како „Балкански“, „Турски“, „Османлиски“ или „Ориентални“. Ваков општ опис не дава доволен кредибилитет да се припишат овие дела на македонскиот регион. Во овој случај е неопходна подлабока биографска студија за да се потврди македонската врска на едно такво дело. Поради ова, за жал, мислам дека одреден број на европски ориенталисти коишто биле присутни на Балканот во втората половина на XIX век, сè уште не можам со сигурност да ги ставам во лексиконот. Слично, во периодот помеѓу 19001950 година, голем број на уметнички дела се насловени со, според мене, погрешен наслов од типот: „Бугарски/Српски/Грчки пејзаж/град/село/селани/луѓе“, но коишто најверојатно се однесуваат на мотиви од Македонија. За жал, и овие дела и автори не се вклучени во лексиконот бидејќи до моментот на објавување на овој лексикон, не успеав да воспоставам несомнена врска со македонскиот регион или етникум.
Следното поглавје на лексиконот содржи листа на сликари по азбучен редослед. За секој сликар е дадена основна биографија. Целта на овој лексикон, не е да даде детална биографија на сликарите, туку што е можно повеќе да ги идентификува и да ги наброи сликарите – посетители на Македонија. Доколку оваа тема е интересна за професионалните историчари на уметност, тие би можеле да подготват подлабока студија на идентификуваните сликари од оваа листа.
И покрај концизно претставената биографија за секој уметник во овој лексикон, се обидов да соберам што е можно повеќе информации за неговиот/нејзиниот престој во Македонија (годините на посетата, местото, причината за посетата, итн.). Понатаму, за секој уметник е дадена листа на неговите/нејзините „македонски“ дела, заедно со изворот на информацијата и доколку е достапна, фотографија на уметничкото дело.
Лексиконов го доживувам како своевиден почеток. Можеби една подетална студија на оваа тема ќе иницира соработка помеѓу државните архиви и ликовните историчари од македонскиот регион. Убеден сум дека македонските, грчките, албанските, бугарските, српските и турските историчари на уметност можат да соработуваат во една заедничка, подетална и пообемна студија од оваа област. Ваква заедничка студија, според мене, би го подобрила чествувањето на нашето заедничко акедонско културно наследство на коешто се горди сите етнички групи во Македонија. Ликовната уметност е нешто што обединува и дава фокус. А токму тоа, денес, му е најпотребно на македонскиот регион.
Се разбира, професионалните историчари на уметност и ликовни експерти можат да работат на подлабока студија на македонскиот период, на секој од овие сликари во овој лексикон. Лично сум особено заинтересиран за тоа како настаните и историскиот период на нивниот престој во Македонија влијаел на животот и делото на овие сликари. Им ја оставам оваа задача на експерите.
*Текстот не е лекториран со цел да се задржи автентичноста
© Ајндховен 2020